Одбојката е колективен спорт кој се игра на таков начин што две екипи од по 6 играчи, одвоени со висока мрежа, ја префрлуваат топката преку мрежата до противничката екипа. По сервирањето од страна на едната екипа, играчите од другата екипа имаат право до трипати да ја удрат топката пред да ја префрлат топката преку мрежата. Поен се добива кога топката ќе падне во полето на противничката екипа, ако противничката екипа не успее правилно да ја префрли топката назад во полето на нивниот противник или ако противничката екипа заработи фаул.

Историјат на одбојката
Вилијам Г. Морган (1870-1942), роден во државата Њу Јорк, останал запишан во историјата како создавач на одбојката, којашто првично ја нарекол “Mintonette”. Морган дипломирал на колеџот Спрингфилд каде што се запознал со Џејмс Наисмит, којшто во 1891. година ја измислил кошарката. Една година по дипломирањето, отишол во Холиоки, Масачусетс, каде што добива место директор за физичко воспитување. Тоа место му овозможило директно влијание на вежбите за рекреација, т.е. развојот на спортот. Неговото водство било одлично прифатено и неговите одделенија секојдневно се зголемувале. Сфатил дека би било добро да измисли некоја игра за рекреација со натпреварувачки карактер со што би ја направил збогатил својата програма уште повеќе и би ја направил поразновидна. Кошарката му се чинела како добар избор, но само за помладите ученици, бидејќи за оние постарите му требала некоја помалку насилна.
Во тоа време, Морган никако не можел да најде игра слична на одбојката, па ја создал од своите посебни методи на тренирање и рекреација. Опишувајќи ги своите први експерименти, Морган рекол: “Во потрага по соодветна игра, прво тенисот ми падна на памет, ама за него ни се потребни топчиња, рекети, мрежа и друга опрема, па се откажав, но идејата за мрежа ми чинеше погодна. Подигнавме мрежа на висина од 1,98 m, над главата на еден просечен маж. Ни требаше и топка. Прво ми падна на памет кошаркарската, но таа е преголема и претешка.’’
На крајот, Морган ја замолил фирмата A.G. Spalding & Bros да направи соодветна топка, што и било направено. Резултатот бил кожна топка со пречник од 65 cm и тежина од 300 g. Потоа, Морган, со уште двајца пријатели, ги пишува првите правила на одбојката. Во почетокот на 1896 г., во Спрингфилд на YMCA Колеџот, била организирана конференција на која што се собрале сите директори за физичко воспитување на YMCA. На таа конференција, Морган за прв пат ја демонстрирал новосоздадената игра. Составил две екипи од по пет играчи којшто пред самата конференција одиграле “Мintonette’’. Морган им објаснил на присутните дека играта е предвидена за сала, но може да се игра и на отворено. Во играта можело да учествуваат неограничен број играчи,а главната цел била да се одржува топката во воздухот, над мрежата, од едната страна на другата.
Играта била одлично прифатена уште на самата конференција освен што името ѝ било променето во “одбојка“. Интересно е тоа што во текот на годините името не се менувало, освен што во 1952. година почнало да се пишува поинаку. Морган работел на правилата на игра и во 1897. година бил издаден и првиот прирачник со главните податоци за играта и како додаток биле издадени и првите правила на одбојката.
Правила и прoпис
Полето за игра е правоаголник, со димензии 18 Х 9 м, окружен со слободна зона, која од сите страни е широка најмалку три метри. Слободниот простор за игра е просторот над теренот за игра кој е слободен без никакви пречки. Слободниот простор за игра мора да биде висок најмалку седум метри мерено од површината на теренот.
